РЕКРЕАТИВНО ПЛАНИНАРЕЊЕ

ПОИМ ЗА ПЛАНИНАРСТВО
Планинарството претставува релаксација од психичките напори што човекот ги доживува на работното место и градските бучави каде живее, предизвикани од брзото темпо на животот.
Покрај тоа планинарството нуди уште многу повеќе. Занимавајќи се со планинарство, човекот се запознава со убавините на природата, како во својата земја, така и во светот.
Планинарството денес има широко значење. Тоа во себе опфаќа повеќе планинарски спортови, кои со текот на времето се повеќе се специјализираат:
▪ рекреативно, излетничко планинарење (планинарење)
▪ алпинизам
▪ спортско качување
▪ ориентација
▪ спелеологија
Рекреативно (излетничко) планинарење.
Најчесто претставува планинарење во поблиската околина, како рекреација, без поголеми амбиции. Тоа не бара поголеми подготовки и е достапно за секој човек и секоја возраст. Планинарите излетници, најчесто се движат по маркирани планинарски патеки. Потребно е само познавање на основите на планинарството (исхрана, ноќевање во планина, опасности во планина), што ќе им овозможи поголема сигурност и задоволство.
Алпинизам.
Претставува највисок степен на достигнување во планинарството. Опфаќа движење по стрмни карпести и снежни делови на планините со цел достигнување (освојување) на највисоките врвови во светот. За движење се користат посебни алпинистички техники и опрема. Потребна е голема и постојана физичка кондиција. Алпинизмот претставува спој на физичката и психичката моќ на човекот.
Спелеологија.
Претставува наука која се занимава со проучување на подземните карстни форми (пештери и пропасти). Во планинарските дисциплини припаѓа спортскиот дел на спелеологијата кој ги сочинува техниките на совладување на спелеолошките објекти, спелеолошката опрема и психичката и физичката подготовка за совладување на истите.
*види повеќе во делот за спелеологија
Ориентација (Спортска ориентација).
Претставува дел од планинарството кој опфаќа точно движење во просторот, користејќи елементи на просторот, карта, компас. Ориентацијата исто така е издвоена и како посебна спортска дисциплинa.
*види повеќе во делот за ориентација
Спортско качување.
Претставува дел од планинарството кој се издвоил од алпинизмот и опфаќа искачување по карпа користејќи ги алпинистичките техники на движење. Денес најчесто се изведува во затворен простор на вештачки карпи.
ПЛАНИНАРСТВОТО ВО МАКЕДОНИЈА
Организираното планинарство во Македонија започнува на почетокот на 20 век. Првото планинарско друштво во Македонија е ПСК Златоврв Прилеп, основано 1924 година под името “Туристичко друштво Златоврв Прилеп”. Потоа се раѓаат други друштва: ПД Козјак Прилеп (1938), Пелагонија во Битола и др. По II светска војна најпрво е формирано Скопското планинарско друштво (1944). ПСК Златоврв по војната е обновено на 21 декември 1958.
повеќе за планинарството во Mакедонија овде